Marieluise Beck

ehem. Mitglied des Deutschen Bundestags

Deutsche Welle: Варварска борба спротивна на европскиот дух!

Одложувањето на датумот за пристапните преговори на Македонија со ЕУ за наредната година, дел од германските парламентарци го примија со доза критики упатени на адреса на Атина.

„Разочарана сум што Европската унија не успеа да го зголеми притисокот врз Грција, која ја користи предноста што е членка на ЕУ и со вето можеше да го блокира почетокот на преговорите. Македонија  ја нема таа предност зашто е надвор код Унијата“. Вака Мариелузе Бек од партијата Сојуз 90/Зелени ја дочека веста од  Брисел и одложувањето на толку очекуваниот датум за старт на пристапните преговори меѓу Македонија и Европската унија.

Непремостени националистички чувства

„Најстрашно е што станува збор за прашање кое се третира спротивно на европскиот дух и е тесно поврзано со националистичките чувства, кои всушност токму од Европа  би требало да бидат премостени.  Смислата на основањето на Европската унија беше токму совладувањето на национализмите по страшните случувања од двете светски војни од минатото столетие. И сега околу едно симболично прашање, името на една република,  се разви таква варварска борба од двете држави, која води до блокирање на  вклучувањето во Унијата на една земја, која всушност и‘ припаѓа на Европа,“ изјави за Дојче веле Мариелуизе Бек.

Почитување на едногласноста

Гунтер Крихбаум  партеник од пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ, кој и минатата недела во Бундестагот говореше за Западниот Балкан, потсети за начинот на изјаснување во европските институции. Според него, едногласноста не е применета само за Македонија, истакна тој потсетувајќи на холандското вето за доближувањето на Србија кон ЕУ.

„Во суштина е правилно што за почетокот на пристапните преговори се бара едногласен заклучок на Европскиот совет. Но, за мене е целосно неприфатливо што Грција еднострано го блокира целиот процес“, заклучи Крихбаум, кој се осврна и на профитот што го има Грција од членството во Унијата. Како од почетокот на 1981 година, кога според нејзин аршин беа испишани и критерумите за нејзино  вклучување во европското семејство, така и на непрекинатото користење на финансиски средства од ЕУ. Крихбаум побара од Грција  поголема свест за солидарноста на ЕУ, а од Македонија прекинување на провокациите. „Сега е момент разговорите да се интензивираат како со Македонија, така и со Грција“, смета тој. Според него станува збор за бизарна расправија, зашто со сигурност на 99 проценти од граѓаните во Европа овој спор не може да им се објасни. Токму затоа мора прашањето да се разреши.

Инаку за спорот мегу Македонија и Грција на 16 декември ќе расправа и Комисијата за европски прашања на германскиот Бундестаг.

Автор: Силвера Падори-Кленке

Редактор: Жана Ацеска